Управувањето со БЕГ и Топлана Скопје север од петок во раце на ЕСМ
Foto

Управувањето со БЕГ и Топлана Скопје север од петок во раце на ЕСМ

Управувањето со БЕГ и Топлана Скопје Север од петок ќе се најде во рацете на ЕСМ, се до крајот на грејната сезона. Ова доаѓа по владината одлука со цел да се реши проблемот со парното затоплување во главниот град, а скопјани според најавите на Владата, ќе треба да добиваат дополнителни три часа греење.

Експертите од енергетската област сметаат дека Владата на секој начин се обидува да го спаси БЕГ, и дека ваквата одлука е дискриминирачка и спротивна на Уставот. Претседателот на здруќжението Но Пасаран и електроинжинер Марјан Ненов за ТВ24 вели дека ваквата одлука не е во интерес на граѓаните и дека треба да се поништи.

„Бараме да се одземат лиценците на БЕГ. Ова ќе се повторува, кога му одговара на БЕГ, кога има заработка тогаш работи со полна пареа и печали од граѓаните, меѓутоа сега кога е малку потешко да се работи, тој дига раце и вика спасувајте ме. Одземањето на лиценците да го направи РКЕ што побрзо, меѓувреме треба да се вклучи Владата. Треба комплетно преземање на градските енергетски системи кои што три години е со врзани раце токму поради работењето на владата. Парното треба да му се врати на Град Скопје и скопјани“ - вели Марјан Ненов.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, вчера излезе со тврдење- преку ЕСМ ќе се стабилизира пазарот на топлинска енергија, откако во решавањето на проблемот не се вклучија Градот Скопје и општините.

„Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа е донесена одлука да се преземе од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, и ќе излеземе во пресрет на граѓаните преку ЕСМ,а не преку БЕГ. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците“ - изјави Крешник Бектеши министер за економија.

Според експертите едно од решенијата за енергетската состојба е национализација на ТЕ ТО и преземање од страна на државата, бидејќи е приватна компанија која произведува електрична енергија, а Владата истовремено увезува скапа електрична енергија.

0 Коментари

Остави коментари