Собранието ќе одржи продолженија на две седници
Foto

Собранието ќе одржи продолженија на две седници

Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе одржи продолженија на две седници, на 28-та и на 29-та седница.

На продолжението на 28-та седница преостанати се неколку предлог закони од областа на економијата – изменувања и дополнувања на Законот за даночна постапка, на Законот за регистрирање на готовински плаќања и на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри – сите во прво читање. На дневен ред на седницата е и Предлогот на закон за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби, кој се носи по скратена постапка.

По завршувањето на 28-та седница, Собранието треба да продолжи со работа по точките од 29-та седница, меѓу кои се и Предлог на закон за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование.

Пратениците треба да расправаат и за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за семејството, Законот за библиотеките и на Законoт за заштита на културното наследство, сите по скратена постапка.

Во прво читање треба да бидат разгледани и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва,  на Законот за метрологијата, на Законот за заштита и благосостојба на животните и на Законот за идентификација и регистрација на животните.

На дневен ред е и Информација за состојбата на тутунот од реколта 2020-2021 заклучно до 21 декември лани, поднесена од пратеници од опозицијата.

0 Коментари

Остави коментари