Ребалансот на буџетот од денеска влегува во Собранието
Foto

Ребалансот на буџетот од денеска влегува во Собранието

Расправата по Ребалансот на Буџетот во Собранието ќе почне од денеска, за кога е закажана седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет.

Клучни сегменти на предложениот ребаланс што го усвои Владата и го испрати до Собранието се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството.

Со овој ребаланс, според предлагачот, приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Останува понатаму определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.

Приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 гоидна, а што, според предлагачот се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет.  Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.

Зголемување има и кај капиталните расходи за 6,5 милијарди днеари и се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.

Со предлогот Владата предвидува кратење кај повеќе буџетски корисници и тоа по основ на помалку продуктивни трошоци и по основ на проекти кои имаат послаба динамика на реализација. Овие средства ќе бидат насочени кон ставки кои се очекува да дадат поголем процент на реализација и поголема додадена вредност на економијата.

Дефицитот е проектиран на ниво од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Тој заедно со отплатите од претходните задолжувања во износ од 43,3 милијарди денари, ќе се финансираат од надворешни и домашни извори.

0 Коментари

Остави коментари