Ѓоковиќ без медал го заврши настапот во Токио
Foto

Ѓоковиќ без медал го заврши настапот во Токио

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ не успеа да и донесе медал на Србија на Олимписките игри во Токио, откако денеска прво го загуби натпреварот за бронзеното одличје во машка конкуренција, а потоа го откажа натпреварот за третото место во мешани двојки.

Од медицинската служба на Меѓународната тениска асоцијација (ИТФ) објавија попладнево дека Ѓоковиќ поради повреда без борба го предал дуелот во мешани двојки.

- Новак Ѓоковиќ се откажа од настап во дуелот за бронзениот медал во мешани двојки поради повреда на левото рамо. Ешли Барти и Џон Пирс без борба ги победија Ѓоковиќ и Нина Стојановиќ и освоија бронзен медал за Австралија, објави ИТФ на својот Твитер профил.

Претходно денеска, српскиот тенисер го загуби натпреварот за бронзениот медал во машка конкуренција од Шпанецот, Пабло Карењо – Буста со 6:4, 6:7, 6:3 и без медал го заврши настапот на олимпискиот тениски турнир.

0 Коментари

Остави коментари