Новата влада се комплетира, се очекува Заев да ја депонира оставката
Foto

Новата влада се комплетира, се очекува Заев да ја депонира оставката

Новата влада полека се комплетира. „Алтернатива“, која е новиот партнер во Владата, ги објави имињата на кандидатите за министерското место во здравство и за заменик министерските места во образование, култура и земјоделство. Тие ќе бидат дел од новата влада која ќе ја формира идниот мандатар откако премиерот Зоран Заев ќе ја депонира оставката што ја најави по поразот на локалните избори. Тоа се очекува да се случи во текот на оваа недела.

Заев во средата најави дека оваа недела ќе ја донесе одлуката и ќе соопшти кога точно оставката ќе биде формализирана пред Собранието. Очекува негов наследник како нов премиер да биде Димитар Ковачевски, кој воедно е и нов лидер на СДСМ.

– Тоа што можам да го кажам е дека се заокружуваат важни процеси и програмски и владини и кадровски, така да ќе ја донесам одлуката некаде на почетокот на следната седмица и штом ја донесам веднаш ќе соопштам и кога точно ќе биде формализирана пред Собранието, изјави Заев во средата за Телевизија 24.

Во изминатиот период имаше интензивни консултации со коалиционите партнери за владините приоритети, преземањето одговорности и за одржувањето и надградувањето на владиното и парламентарно мнозинство.

На средбата со коалициониот партнер ДУИ, што се одржа во четвртокот, било потврдено дека е исполнета целта да се обезбедат стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство, а следните парламентарни избори би требало да бидат редовни и да се одржат во 2024 година.

– Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евро-атлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија, информираше владината прес-служба.

И додека власта тврди дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека нема потреба од предвремени избори, опозицијата со барање во февруари или март да се формира техничка влада, а во мај или јуни да се одржат предвремени избори.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, актуелната власт лошо менаџира со државата и иако предвремените избори не се секогаш најдобро решение, сепак во ситуација кога државата се соочува со сериозни проблеми, изборите се единственото решение. Смета дека државата се соочува со политичка, економска, енергетска и дипломатска криза.

0 Коментари

Остави коментари