Инвестиција од 70 милиони евра и 100 нови вработувања - потпишани договорите за фотоелектраната во Осломеј
Foto

Инвестиција од 70 милиони евра и 100 нови вработувања - потпишани договорите за фотоелектраната во Осломеј

„Ми претставува голема чест и задоволство што денес и официјално се потпишуваат договорите за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мега-вати. Станува збор за една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија. Вредност на инвестицијата е 70 милиони евра, а ова постапка успешно ја завршивме по пат на јавно - приватно партнерство“, рече премиерот Заев на денешното потпишување на договорите за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј помеѓу Електрани на Северна Македонија со партнерите Фортис Енержи Електрик од Турција и со Солар про од Бугарија.

„Фотонапонската електрана од 100 мега-вати е конципирана како две постројки од по 50 мега-вати во кои АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер со компанијата Фортис Енержи Електрик од Турција во едната електрана, а во другата електрана со Солар про од Бугарија. Двете компании на јавниот повик имаа најдобри понуди. За возврат, приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,5% од произведената електрична енергија за час“, објасни премиерот Заев и додаде дека заработката на државата според пресметките би се движела до 1,5 милиони евра годишно. 

Генералниот директор на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски истакна дека договорот за јавно приватно партнерство ќе биде во траење од 35 години, после што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани на јавниот партнер, односно АД ЕСМ и да ги предаде во фактичко владение во исправна оперативна и погонска состојба.

„Градбата на електраните ќе биде целосно инвестиција односно вложување на приватните партнери, а проценката е дека нивната изградба ќе чини некаде 70 до 80 милиони евра. ЕСМ нема никаков паричен влог во изградбата. Тоа што ние го даваме е локација, а тоа е површина во стариот рудник за јаглен во Осломеј, пристапен пат до електраните, комплетна анализа на условите за производство, како и балансирање, што е една многу важна системска услуга, а која ние како производител на електрична енергија можеме да ја обезбедиме“, истакна Ковачевски и додаде дека со ова темпо на инвестирање во обновливи извори од ветер и сонце, процентот на производство електрична енергија од обновливи извори од 3 отсто значајно ќе се зголеми на сметка на производството од јаглен, за што, како што рече Ковачевски добиваме високи оценки од Европската енергетска заедница.

0 Коментари

Остави коментари