Управниот суд ја потврди одлуката на ДИК – нема прегласување

04.05.2014 | 16:56
Прочитано: 5362

Управниот Суд ја потврди одлуката на Државната изборна комисија – нема прегласување на избирачките места за кои ДПА и ГРОМ посочија на нерегуларности и побараа поништување на гласањето за парламентарните избори. 

Во однос на тужбите кои ги поднесе ДПА, во најголем дел од образложенијата од Управен, објавени на официјалната веб-страна на Судот стои дека не се приложени докази кои ги потврдуваат наводите за нерегуларности или забелешките се доставени по истекот на рокот. 

Па така, во образложението за пресудата за општина Липково стои: При одлучувањето, Судот ги ценеше тужбените наводи дека фактичката состојба погрешно и нецелосно утврдена, поради тоа што на наведените избирачки места била нарушена тајноста на гласањето односно имало групно гласање, имало семејно гласање и појава на член на семејство да гласа во име на друг член од семејството како и дека активисти на друга партија вршеле агитација и притисок врз гласачите во однос на нивната определба за гласање и притисок да не гласаат за избор на претседател на Република Македонија со што непосредно ги упатувале граѓаните да гласаат само за парламентарните избори и тоа за кандидати од партијата која ги бојкотирала претседателските избори, но од причина што кон тужбата не се приложени докази во поткрепа на овие наводи, Судот оцени дека истите не се од влијание за поинакво одлучување.

Слично образложение од судот има и за останатите тужби во кои ДПА побараа поништување на гласањето во неколку избирачки места во Тетово, Струга, Кичево, Чучер Сандево, и Бутел, додека ГРОМ бараше прегласување на места  во Богданци, Кавадарци и Росоман.

Како причини за поднесените приговори до ДИК, партиите наведоа случаи на нарушена тајност и семејно гласање. 

До Државната изборна комисија беа пристигнати 12 приговори – и тоа 2 од ДУИ, 6 од ДПА И 4 од ГРОМ. ДИК ги одби сите приговори, а партиите има можност од 48 часа за доставување тужби до Управниот Суд, по што ДИК треба да оддржи седница на која резултатите од парламентарните избори ќе бидат прогласени за конечни и ќе бидат врачени уверенијата за освоените пратенички мандати.


Галена Николовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.