Собранието го усвои Годишниот извештај на СРД за 2011

05.07.2012 | 13:31
Прочитано: 1191

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на продолжението на 29. седница го усвои Годишниот извештај за работата на Советот за радиодифузија за 2011 година.

Претседателот на СРД Зоран Трајчевски меѓу другото информираше дека минатата година се доделени четири дозволи за вршење на радиодифузна дејност на локално ниво, а одземени се една дозвола за вршење на радиодифузна дејност и донесени се решенија за претстанување на важноста на две дозволи за вршење на радиодифузна дејност.

До декември минатата година имало вкупно 157 радиодифузери, а во овој период промена на сопственичката структура извршиле три радиодифузери, три радиостаници и четири телевизии.

Билјана Казанџиска од СДСМ обвини дека се врши селективна примена на Законот за радиодифузна дејност посочувајќи притоа дека на А2 телевизија и е одземена дозволата за работа со образложение дека не се почитувала програмската шема.

Трајчевски нагласи дека не постои селективна примена на Законот за радиодифузна дејност и оти СРД ги санкционира сите медиуми кои не го почитуваат законот. Истакна дека на А2 телевизија и биле дадени повеќе од девет месеци да го усогласи работењето.

- СРД кога одлучуваше за одземањето на дозволата на А2 се водеше од Законот за радиодифузна дејност. Не постојат никакви притисоци ниту од Владата ниту од претставници од политичките партии при одлучувањето и донесувањето на одлуки од страна на Советот за радиодифузија, потенцира Трајчевски.

Според Изет Зеќири од Националната демократска преродба, Советот за радиодифузија е политички орган на власта, а проширувањето на членови на Советот било направено со цел да се има влијание врз ова регулаторно тело. Обвини дека нема слободни, туку партиски медиуми.

Собранието ја почна расправата по Финансискиот план на Советот за радиодифузија за 2012 година, но седницата беше прекината по барање на ДПА. 

Пратениците ја завршија и расправата по Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика за 2011 година, но поради обврски на пратениците за оваа точка ќе се гласа во попладневниот дел од седницата.