Сигетвари: Пријателството Орбан - Груевски штети на имиџот на двете земји

10.11.2017 | 17:19
Прочитано: 3714

Сомнителен е личниот и политичкиот однос помеѓу поранешниот премиер Никола Груевски и актуелниот унгарски премиер Виктор Орбан, оценува лидерот на Националниот политички совет на „Еѓит“ Виктор Сигетвари. Тој во телефонски разговор за Телевизија 24 вели дека соработката на двајцата политичари, кои се под силно руско влијание, штети подеднакво и на Унгарија но и на аспирациите на земјите од Западен Балкан за членство во Европската Унија. Тој не сака да коментира дали Груевски сака да најде засолниште во Унгарија но вели дека тоа негативно влијае на имиџот на Унгарија.

„Мојот став по тоа прашање е дека е доста сомнително што таков лидер, со силни руски врски, како нашиот премиер Виктор Орбан, се обидува да му помогне да си го поврати пасошот од власите во Македонија затоа што сака да ја посети Унгарија. Не знам дали сака да избега, верувам дека сака да се врати во Македонија, но ова е сомнителен и проблематичен однос меѓу Унгарија и поранешниот лидер на Македонија. Само тоа сакавме да кажеме, не знаеме дали сака да избега овде. Никогаш не го изјавил тоа. Но, постои сомнение дека можеби сака да избега овде од истрагите со кои мора да се соочи во својата земја. Мислам дека нашето верување е легитимно“, вели Виктор Сигетвари 

Сигетвари е загрижен за угледот на својата земја, но и за Македонија и смета дека конекцијата Орбан-Груевски може само да го истакне силното но, истовремено штетно  руско влијание.

„Со оглед дека за Русија, Македонија е стратешки важна, ние сметаме дека тоа е проблематичко пријателство, не затоа што имаме проблеми со Македонија или граѓаните на Македонија. Унгарија сака да има добри односи со Македонија, но во овој случај не станува збор за билатерални односи меѓу влади туку за лични политички врски меѓу две политички партии и двајца политичари“, вели Сигетвари.

Според унгарскиот политичар вознемирувачки се и информациите дека поранешните разузнавачи, Грујевски и Бошкоски сакале да побегнат во Будимпешта. Лица кои се сè уште под истрага поради криминали и други нелегани работи кои се случиле во Македонија не би смееле ни да помислат да бегаат во Унгарија, смета Сигетвари. Од ВМРО-ДПМНЕ не ги коментираат тврдењата на унгарскиот политичар. Груевски си го бараше пасошот од Апелација  и како доказ дека треба да ја напушти земјата ја приложи поканата  за средба од Орбан. Во знак на поддршка, унгарскиот премиер беше во посета на земјава  пред локалните избори со цел да му изрази поддршка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. 

 

 


Марија Севриева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.