Почна истрага за донациите за Ева, семејството со нова верзија за случајот

28.08.2012 | 19:50
Прочитано: 3083
Јавното обвинителство, МВР и Министерството за труд и социјална политика постапуваат по случајот со собирањето донации за 4 месечната Ева, која беше оперирана во Бугарија поради проблеми со срцето.
 
Сомнежите се дека биле злоупотребени парите кои граѓаните со месеци ги донираа на сметката на родителите и на броевите за донации на трите мобилни оператори. Родителите на Ева, иако тврдеа дека ќе го пријават случајот, тоа до денеска не се случи.  Полицијата почна истрага по пријава на директорката на клиниката за детски болести,  Аспазија Софијанова и по вчерашната изјава од бугарската клиника во која се вели документот со кој се бараат дополнителни средства е фалсификуван.
 
- Ние никакви пари не сме барале од нив. Тоа писмо е фалсификувано, не е потпишано од мене, не излегло од нашата клиника, ниту телефоните се веродостојни ниту печатот е наш, не знам кој го направил и со каква цел. Никакви пари не треба да се собираат и ние не сме барале никакви дополнителни средства – изјави вчера Маргарита Цонзарова, директорка на Клиниката за детска кардиологија во Софија.
 
Во меѓувреме, родителите на малата Ева, излегоа со нова изјава – дека страницата на Фејсбук „Апел за помош на Ева“ е хакирана и дека не знаат кој барал парична помош во нивно име.
 
Еве како течеше разговорот со мајката на Ева, Елена Илиевска.
- Зошто вие баравте пари за лекување кога тоа веќе било покриено од Фондот за здравство?
 
- Тоа не баравме ние туку заедницата помош за малата Ева.
- А кој ја има формирано ако не вие? Таму стоеја ваши тел. броеви...
- Наши телефонски броеви за контакт, а телефонските што се за Ева за донации, тие траат три месеци.
- Меѓутоа кој ја отвори таа страница ако не вие?
- Ние ја отворивме, меѓутоа не знаеме кој ја блокира и сега ние немаме пристап.  
 
А еве што ни изјави таткото Дејан Илиевски:
– Тоа Апел за помош на малата Ева кој се крие, позади таа заедница , не знам.
- Господине, значи јас имам принстскринови од таа страница каде што има имиња и презимиња на лица кои донирале на вашата сметка... до вашата сметка претпоставувам имате пристап само вие...
- Кој раководел или раководи и го избришал “Апел за малата Ева”, јас во среда и четврток ќе викнам да дојдат да видат што се случува со компјутерот.
 
Оваа страница вчера беше избришана, а исчезна и документот за кој бугарската клиника тврди дека е фалсификуван. Се уште е активна страната за помош за малата Ева, каде јасно се гледа што е напишано на 21 август: “Малата Ева се спрема за пат... пат од кој може никогаш нема да се врати... или ќе се врати како победник“.
 
Во овој период, малата Ева веќе 11 ти ден е на скопската Клиника и нема никакви најави дека треба да тргне на пат. Софијанова за 24 вести изјави дека операцијата – затворање на отворите на срцевите комори треба евентуално да се прави дури после една година, но и тогаш Фондот за здравство би ги покрил трошоците.
 
На бугарската клиника за лекување на Ева биле платени 25.100 евра во три наврати: Прво 14.600, потоа 4.900 и на крај 5.600 евра. На 10-ти август сите трошоци за лекување на Ева се покриени – 80 отсто од Фондот, а 20 отсто од родителите. Оттаму, неизвесно останува за што всушност собирале пари родителите на Ева и кој се крие зад документот од 23 август, во кој се тврди дека бугарската клиника бара уште пари за лекување. Останува на МВР побрзо да го расветли случајот, со цел да се врати довербата на граѓаните во повиците за хуманост и за донации. 
 
 

Мери Јордановска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.