Кривични за пет полицајци за злоупотреба на должноста

05.07.2012 | 13:26
Прочитано: 1585

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство во Тетово поднесе кривична пријава против лицата Ј.С. (45), Б.Е. (32), А.К. (32), М.Д. (30), и Г.Ј. (38), сите полициски службеници во Полициската станица за Граничниот премин Јажинце во Регионалниот центар Север за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Пријавените во периодот од април 2008 до март 2012 година, во повеќе наврати со внесување невистинити податоци во службените евиденции за фиктивни односно неизработени прекувремени работни часови, како и со невистинито прикажување на изработени работни часови, додека за приватни потреби биле во странство, се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 325.342 денари на штета на Министерството за внатрешни работи.

Имено, по добиени првични  сознанија дека во ПС за ГП Јажинце, од страна на вработени се вршат одредени злоупотреби, полициски службеници од СВКПС извршија проверки во интерните евиденции на полициската станица, како и разговори со повеќе вработени. Од извршениот увид, соопшти денеска МВР, во списокот за евиденција за работни часови во ПС за ГП Јажинце, е утврдено дека се внесувани невистинити податоци за неизработени работни часови ноќе, викенд часови, празнични часови, работни часови за време на годишен одмор, како и часови во сменско работење. Покрај ова, констатирано е и евидентирање на невистинити податоци за изработени работни часови за време додека полициски службеници за приватни потреби биле во странство. Вака изготвените списоци се доставувани до РЦ Север, а потоа до Секторот за финансиски прашања при МВР, врз основа на кои се  вршени месечни пресметки за плата на вработените.

Покрај ова, од извршените разговори со вработените како и од останатите мерки и активности, утврдено е дека, прво и  второпријавениот како командир и помошник командир на ПС за ГП Јажинце, во наведениот период наложиле и овозможиле во Книгата за работни часови-образец-1 и Списокот за евиденција за работни часови кој се доставува до РЦ Север и Секторот за финансиски прашања во МВР, од страна на полицајците-администратори во ПС за ГП Јажинце да се внесуваат невистинити податоци за изработените работни часови во текот на месецот.

Трето и четвртопријавениот, инаку полицајци за пасошка контрола во ПС за ГП Јажинце, кои со наредба извршувале работни задачи на полицаец-администратор, внесувале невистинити податоци во наведените евиденции. Петопријавениот како сменоводител кој со наредба бил распореден на работно место полицаец-администратор, а извршувал останати работи како носење пошта и друго и покрај тоа што знаел дека по налог на прво и второпријавениот се внесуваат невистинити податоци како за него така и за останатите пријавени, се согласил со ваквото  постапување кое е спротивно на правилата и прописите на Министерството за внатрешни работи.

Покрај кривичната пријава, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, изрече и задолжителна мерка до непосредниот раководител против полициските службеници, согласно одредбите од Колективниот договор на МВР, да поднесе предлог за утврдување дисциплинска одговорност пред надлежната Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност.