И Јавното обвинителство ќе ги следи изборните нерегуларности

21.11.2016 | 13:33
Прочитано: 1401

Евентуалните изборни нерегуларности ќе ги следи и посебна Комисија која беше формирана од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија во март 2016 година, а за прв пат ќе почне да функционира за претстојните парламентарни избори коишто ќе се одржат на 11 декемеври.

Со Комисијата претседава јавен обвинител од Јавното обвинителство на Македонија, а членови на Комисијата се четворицата Виши јавни обвинители и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје. 

Тие се задолжени  да го следат изборниот процес и притоа за сите настани  за кои ќе оценат дека даваат индиции за евентуално сторени изборни нерегуларности да даваат задолженија за итно постапување од страна на Основните јавни обвинителства.  

„Формирањето на Комисијата е дополнително преземена мерка, која се одвива паралелно со досегашниот начин на следење на изборните процеси преку воспоставување на посебни дежурства на јавни обвинители во обвинителствата, а која продолжува и за овој изборен процес“, соопштуваат од Обвинителството.

Привремената Комисија за следење на изборни нерегуларности денеска одржала работна средба во насока на зајакнување на активностите  поврзани со изборниот процес за претстојните избори.

Во функција е  електронската адреса izbori@jorm.gov.mk на која граѓанските организации, но и граѓаните воопшто, можат да пријавуваат секакви сомненија за сторени кривични дела поврзани со изборите.

„Сите пријави испратени на izbori@jorm.gov.mk веднаш ќе бидат проследени до Комисијата, која предметите ќе ги упатува на итно постапување кај надлежен јавен обвинител.Дополнително на ова, Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите информации објавени во медиумите и при евентуални известувања за изборни нерегуларности ќе формира предмети и по допрен глас“, додаваат од Обвинителството.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.