Филмски фестивал посветен на истражувачкото новинарство

28.10.2017 | 18:34
Прочитано: 773

Платформата за истражувачко нoвинарство и анализи-ПИНА во соработка со  Фондацијата „Фридрих Еберт“-Скопје ќе го организира првото издание на Истражувачки филмски фестивал (ИФФС), што ќе се одржи од 3 до 5 ноември во кино „Култура“, Скопје.

Ова ќе биде прв таков фестивал во регионот, а тридневната  фестивалска програма вклучува прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот.

Отворањето на првото фестивалско издание, како што стои во соопштението, е посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро. По прикажувањето на филмот „Да се биде укажувач“ (Being a Whistleblower) на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, публиката ќе има можност да ја проследи дискусијата на тема „Укажувачи: „тајни“ играчи кои може да ја променат историјата“. Дебатата посветена на таканаречените „свиркачи“, ќе ја води македонската новинарка Сашка Цветковска, а во неа, преку Скајп ќе учествува и Бети Медсгер, легендарната американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот.

Платформата за истражувачко новинарство и анализи - ПИНА е новоформирана организација од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.