Една и пол година затвор за Горан Грујевски за „Тврдина 2“

08.11.2017 | 12:31
Прочитано: 772

Поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски е осуден на една и пол година затвор во отсуство за случајот „Тврдина 2“. Шесте службенички од УБК кои беа обвинети во овој случај добија условни казни.

Пет службенички од УБК се осудени на условна казна од една година, доколку три години не сторат кривично дело, а една службеничка е осудена на девет месеци условна казна, доколку две години не направи кривично дело.

Според СЈО, Грујевски го наредил и организирал уништувањето на службената документација поврзана со незаконското прислушување, се обидел да ги сокрие трагите кој и како прислушувал и да ја отежни истрагата, а потоа побегна од државата за да избегне соочување со кривичното дело.

Првообвинетиот Грујевски е во екстрадициски притвор во Грција заедно со неговиот поранешен колега од УБК Никола Бошкоски, кој во „Тврдина 2“ требаше да се појави како сведок. Двајцата минатиот месец беа уапсени со лажни пасоши на аеродромот во Солун при обид да заминат за Будимпешта. Во тек е постапка за нивно екстрадирање.

 


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.